Борисов подготвен да се откаже од премиерската функција

Партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) е подготвена да се согласи нејзиниот лидер Бојко Борисов да не биде нов бугарски премиер, доколку на тоа инсистира потенцијалниот иден владин партнер, коалицијата Реформаторски блок (РБ), јавува МИА.

Претставникот на ГЕРБ, европратеникот Томислав Дончев, нагласи дека ГЕРБ дури е подготвена премиерското место да му го препупшти на лидерот на партијата Демократи за силна Бугарија (ДСБ), која е една од членките на РБ, Радан Канев, доколку тоа е гаранција за формирање стабилно мнозинство.

Според извори од преговарачките тимови на ГЕРБ и РБ, двете страни во текот на вчерашните петчасовни преговори договориле 20 приоритети на евентуалната нивна заедничка влада.

– Во пракса завршивме со усогласување на клучните приоритети од програмската декларација. Има 20 теми по одделни приоритети, кои во потточки се детално објаснети во декларацијата, изјави Меглена Кунева, лидер на Движењето „Бугарија на граѓаните“ (ДБГ), кое исто така е дел од Рефоматорскиот блок.

Дончев нагласи дека декларацијата ги одразува општите принципи и приоритети на ГЕРБ и РБ, додавајќи дека документот ќе им биде доставен и на Патриотскиот фронт и на партијата Алтернатива за бугарска преродба (АБВ), од кои очекуваат поддршка за нивните цели.

– Доколку програмската декларација добие поддршка во формата во која ја подготвивме, ќе ни влее сигурност дека можеме да формираме стабилна влада на Бугарија, смета Кунева.

Во меѓувреме, бугарскиот претседател Росен Плевнелив денеска ќе ја продолжи серијата консултации со претставници на парламентарните политички сили околку изборот на мандатар за состав на новата влада, со делегации на Бугарскиот демократски центар и на Патриотскиот фронт.