Борисов: Подобро Бугарија да нема влада, отколку да има Влада по секоја цена

Полошо од тоа да нема нова бугарска Влада, е да биде формирана влада по секоја цена, што ќе се распадне по еден месец, изјави денеска поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, кој е лидер на партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), што победи на вонредните парламентарни избори во Бугарија одржани во неделата.

Тој нагласи дека би формирал коалициска влада само доколку во неа постои поделена одговорност со министрите, бидејќи во спротивно би било бессмислено да се коалицира со други партии.

– Со 84 пратеници неможеме да формираме малцинска влада. За жал дури и со реформистите пак би имале малцинска влада. Претстојат тешки одлуки и времиња и многу е тешко да се управува без мнозинство, изјави Борисов, нагласувајќи дека доколку не биде постигнат договор за формирање на стабилна коалициска влада, Бугарија ќе мора да оди на нови избори.

Во врска со информациите околу можноста Димитар Николов да ја предводи идната коалициска влада, Борисов нагласи дека ГЕРБ има најмалку 15 до 20 луѓе кои би можеле да бидат премиери, но нагласи дека претседателот на владата „треба да има и политичка одговорност“.

– Димитар Николов ја има целата моја почит, доверба и поддршка и затоа и е потпретседател на ГЕРБ, изјави Борисов.

Тој посочи дека не сака да учествува во заскулисни игри и нагласи дека ГЕРБ е подготвена да преговара со сите парламентарни партии.

Сакам да видиме што мислат и другите партии, што тие предлагаат и што ќе направиме како први чекори во новиот Парламент. Дали ќе го смениме гувернерот на Бугарската народна банка или дали ќе извршиме ребаланс на буџетот, рече Борисов.