Борисов во понеделник со Заев на одбележувањето 75. години од депортацијата на македонските Евреи

Во рамки на одбележувањето на 75. години од Холокаустот на македонските Евреи, во понеделник во Скопје ќе присуствува и бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Како што објави владината прес-служба, македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот бугарски колега Борисов ќе положат цвеќе на споменикот на 7.144 македонски Евреи, по што се најавени нивни обраќања, како и на претседателката на Еврејската заедница во Македонија Берта Романо Николиќ. По маршот делегациите ќе се упатат кон Собранието на Република Македонија каде е предвидено одржување комеморативна седница.

Бојко Борисов е првиот бугарски премиер кој ќе учествува на одбележување на годишнина од депортацијата на Евреите од Македонија. Во официјалната бугарска делегација на одбележувањето на 75. години од депортацијата на македонските Евреи ќе присуствуваат и претставници на еврејската заедница во Бугарија, соопшти БТА.

Во рамки на одбележувањето на 75. годишнината од холокаустот на македонските Евреи во Втората светска војна утре и в понеделник предвидени се активности во Битола, Штип и Скопје.

За време на Втората светска војна од Македонија биле депортирани 7.114 Евреи и кои биле одведени во логорот на смртта Треблинка во окупирана Полска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.