Спорт

Борко бара Кире да дава по 12 голови на еден натпревар

Борко бара Кире да дава по 12 голови на еден натпревар

На прес-конференцијата по средбата со Чешка, капитенот Кирил Лазаров, изјави дека ако сакаме утре да ја победиме Австрија, и во вториот круг да влеземе со два бода, голманите ќе мора да имаат најмалку 15 одбрани. Одговор од другата страна стигна пред денешниот попладневен тренинг и тоа од најповиканиот, Борко Ристовски, кој стоеше на голот на Македонија на сите досегашни 120 минути и кој имаше скромни шест одбрани на дуелот со Чесите.
„Ако Лазаров од нас голманите бара да имаме најмалку 15 одбрани, тогаш ние од него бараме да постигне најмалку 12 голови. Ако тој го стори тоа, тогаш нема да има ниту најмала дилема дека ќе успееме да дојдеме до победата против Австријците“, ни изјави Ристовски.
Ако оваа изјава на прв момент делува како „тивка војна“ на релација Борко-Кире, сето тоа паѓа во вода по дополнителното објаснување на чуварот на мрежата на германски Гумерсбах.
„Со Кире сме големи пријатели и цимери, и ваквите сите провокации се наш начин на дополнително мотивирање, а не кавга или недоразбирање. Факт е дека не бев на своето нив на синоќешниот дуел, но тоа беше резултат на големиот физички напор на играње на две средби во три дена. Можеби можеше да побарам измена за да одморам малку, но сега не можеме да ги вратиме работите“, дополнува Ристовски, кој, пак, беше феноменален против Данска кога собра 15 одбрани.