Бошкоски: На никој не му е јасно за што сум обвинет

Не го разбирам инаетот на обвинителството упорно да тврди дека сум помагал во убиство, а за тоа да нема докази. На никого во оваа земја не му е јасно за што сум обвинет, а повисокиот суд веќе кажа дека докази за мојата вина – нема, рече поранешниот прв човек на полицијата Љубе Бошкоски, пренесува МТВ.

Бошкоски најави тужба за обвинителката, поради, како што рече двегодишно изживување, малтретирање и омаловажување на обвинетите во „Ровер“.

„Критиките од обвинетите допираат до мене, но тие се оправдани и сообразни со нивната положба во која се наоѓаат и разликата е голема. Јас сум професионалец, јавен обвинител, а тие се сепак осудени лица. Очекувам правичен процес, не очекувам експлицитни нови докази, но се надевам дека судот ќе постапи по сите напатствија по решението на апелациониот суд“, вели јавниот обвинител Лидија Раичевиќ – Вучкова.

Марјан Тушевски и Киро Јанев беа застрелани во 2001-та година. Извршителите на убиството се Срби на кои им се суди во отсуство.

Бошкоски беше осуден на 12 години затвор за помагање на извршителите да го сторат убиството. Апелациониот суд го врати предметот на повторно одлучување, затоа што во претходната постапка не се докажа умислата и начинот на којшто Бошкоски помогнал да се стори убиството.

Обвинителството со истите докази ќе ја потврдува вината на Бошкоски и соработниците и во повтореното судење. Тоа што нема нови докази, за одбраната е причина судот да ги ослободи.

„Со тоа што јавниот обвинител не го прецизира обвинението, остана при истите докази, многу и е олеснето на одбраната дека во конкретниот случај нема докази“, вели адвокатот Владимир Ракочевиќ.

Бошкоски веќе издржува петгодишна затворска казна за нелегално финансирање на изборната кампања во 2011 година.