Бошковски: Погрешно е тврдењето дека поради проектот Луково поле ќе исчезне реката Радика

Сосема е погрешно тврдењето на поединци и претставници на некои невладини организации кои пласираат тези дека реката Радика ќе исчезне или ќе биде целосно пренасочена во рамки на проектот Луково поле, истакнува директорот на АД ЕЛЕМ, Дејан Бошковски, во интервју за „Економски.мк“.

„ЕЛЕМ од почетокот работи на проектот Луково Поле според најстрогите меѓународни директиви и стандарди за животна средина. Во тој дел интервенирано е и со измена на дел од проектот и одлучено е Луково Поле да се реализира без Пројфел или длабока река што во основа значи дека пејзажот на планината Кораб ќе остане непроменет. Вкупната количина вода што ќе се пренасочи од Радика со акумулацијата Луково Поле нема да биде поголема од 1,4 кубни метри во секунда, што претставува околу 7 до 8 отсто од просечниот проток во река Радика. Во таа насока, сосема е погрешно тврдењето на поединци и претставници на некои невладини организации кои пласираат тези дека реката Радика ќе исчезне или дека ќе биде целосно пренасочена кон Вардарскиот слив“, вели Бошковски во интервјуто.

Според него, Луково Поле ќе овозможи поголема контрола и регулација врз надојдените води во периоди со обилни врнежи и директно ќе влијае на зголемување на домашното производство на електрична енергија, намалување на увозната зависност од енергија на Република Македонија, а ќе влијае на намалување на емисијата стакленички гасови и употреба на фосилни горива.