„Бостон“ го зголеми водството против „Кливленд“

Кошаркарите на „Бостон Селтикс“ поведоа со 2:0 против „Кливленд Кавалирс“, во финалето од доигрувањето во Источната конференција. „Селтикс“ на домашен терен славеа со 107:94. „Бостон“ одново со тимска игра успеа да го победи „Кливленд“ и во првите две средби да ја одбрани предноста на домашниот терен.
Гостите добро го отворија мечот па дури беа подобри на полувремето со 55:48, но играчите на Бред Стивенс направија пресврт во третата четвртина која ја добија со 36:22, а го добија со 23:17 и последниот период.

На „Кливленд“ не му помогна ниту извонредниот Леброн Џејмс, кој постигна трипл-дабл со 42 поени, 10 скока и 12 асистенции. Џејмс постигна нов личен рекорд со постигнати 40 и повеќе поени на 40 натпревари во плеј-офот, но тоа не беше доволно.

Меѓутоа „кралот“ доби помош само од Кевин Лав со 22 поени и 15 скока. Целосно потфрли стартниот бек Џеј Ар Смит кој за 27 минути не успеа да постигне ниту еден кош.
Од друга страна, дури шестмина кошаркари на „Бостон“ имаа двоцифрен ефект според постигнати поени, а најефикасен беше Џејлен Браун со 23 поени и 7 скока, Тери Розиер 18 поени, Ал Хорфорд 15 поени, 10 скока, Маркус Морис 12 поени, Џејсон Тејтум 11 поени, Маркус Смарт 10 поени, 9 скока, 5 асистенции.

Серијата сега се сели во Охајо каде ќе се одиграа натпреварите број 3 и 4. Третиот натпревар се игра в недела.