Бостон против Голден Стејт дојде до 14-та победа во низа

Во синоќешните дуели од НБА лигата, кошаркарите на Бостон Селтикс го совладаа бранителот на титулата Голден Стејт Вориорс со 92:88 со што ја впишаа 14-та последователна победа, со што ја изедначија победничката серија од 2009 година, додека клупскиот рекорд изнесува 19 триумфи во низа.

Во возбудливата завршница пресудија слободните фрлања. На минута и 22 секунди до крајот Голден Стејт имаше водство од 88:86. Кајри Ирвинг со две реализирани слободни фрлања го израмни резултатот, па во последната минута двете екипи влегоа изедначени 88:88. Но на 14 секунди до крајот Ирвинг уфрли уште две слободни фрлања за водство од 90:88. Во следниот напад крилото на Вориорс, Кевин Дурант, беше непрецизен а потоа на седум секунди пред сирената Џејсон Тејтум од слободни фрлања ја потврди победата на Селтикс.

Иако имаше многу лош шут од игра (4 од 16), Ирвинг сепак беше човек на одлуката, од 16 поени 11 постигна во последните четири ипол минути. Најефикасен кај Бостон беше Џејлен Браун со 22 поени. Ал Хорфорд додаде 18 поени и 11 скокови, а Маркус Морис и Тејтум постигнаа по 12 поени.

Кај Голден Стејт најдобар беше Кевин Дурант со 24 кошови, но потфрлија Клеј Томпсон и Стеф Кари. Првиот постигна 13 поени со шут 5 од 18, а Кари само 9 кошови со шут 3 од 14.

„Трчај и шутирај“ стилот на Хјустон Рокетс засега дава резултат, имаат најдобар скор на Западот од 12 победи и 4 порази и се втори во лигата зад Бостон со 14 победи и 2 пораза. Ноќта кон петокот ги растурија Феникс Санс со 142:116, а во првото полувреме постигнаа дури 90 поени, што е клупски рекорд и второ најдобро постигнување во историјата од НБА лигата.

Повторно брилијираше Џејмс Харден со 48 поени, а на теренот се врати и плејмејкеот Крис Пол, кој додаде 11 кошови и 10 асистенции. Кај Феникс најдобар беше Трој Даниелс со 23 поени.