Бостон во вториот круг од доигрувањето, Голден Стејт поведе

Бостон Селтикс се пласираа во вториот круг од плеј-офот во Источната конференција откако изминатата ноќ во седмиот дуел со 112:96 ги совладаа Милвоки Бакс доаѓајќи до четвртата победа во серијата, а во Западната конференција во првиот меч од вториот круг Голден Стејт Вориорс поведоа со 1-0 во серијата совладувајќи ги Њу Орлеанс Пеликанс со 123:101.

Бостон Селтикс до победата ги предводеа Тери Розиер и Ал Харфорд со по 26 кошеви секој, а Селтикс со 4-3 ги елиминира Милвоки Бакс. Џејсон Тејтам додаде 20 кошеви за Бостон кој во второто коло од доигрувањето ќе игра против Филаделфија 76ерс, почнувајќи веќе во понеделник.

Крис Мидлтон беше најдобар стрелец на мечот и кај Милвоки со 32 кошеви, Ерик Бледшо додаде 23 кошеви, а Јанис Атетокунмпо 22 коша со 9 скокови и 5 асистенции.

Бледшо со погодок на 9,5 минути до крајот на третата четвртина го намали водството на Бостон на 54:51, но тогаш Харфорд постигна шест коша од следни 11 погодоци во низа на Селтикс и водство од 65:55. „Тројката“ на Тејтам ја зголеми предноста на Бостон на 16 поени пред крајот на третата четвртина, а потоа Антетокунмпо погоди две слободни фрлања за намалување. Но Бакс не успеаја да го намалат заостанувањето во последната делница, а најголемата разлига на Бостон во еден момент изнесуваше 19 поени.

Во Окленд до првата победа во серијата Голден Стејт Вориорс ги предводеше Клеј Томпсон кој постигна 11 од вкупно 27 кошеви во серијата од 25:1 во втората четвртина кога беше создадена решавачката предност. Во 13-та последователна победа на свој терен, Вориорс повторно играа без Стив Кари, кој најверојатно ќе заигра во вторник на вториот дуел кој повторно се игра во Окленд.

Пеликанс, кои во првото коло го елиминираа Портланд, имаа шут 60 отсто од игра во првата четвртина во којашто водеа со 5 поени разлика, пред Вориорс да ја преземат контролата во втората четвртина.

Кевин Дјурант даде 26 кошеви со 13 скокови, додека Дејмонд Грин го оствари својот четврти „трипл-дабл“ во доигрувањето со 16 поени, 15 скокови 11 асистенции. Кај Пеликанс најдобар беше Ентони Дејвис кој даде 21 кош со 10 скокови, Мур додаде 15 поени, а Џордан Крафорд 14 кошеви.