Балкан

„Бота Сот“: Косово го напуштиле 10 проценти од жителите

„Бота Сот“: Косово го напуштиле 10 проценти од жителите

Масовниот егзодус создава несигурност на Косово, кое го напуштија десет отсто од жителите, пишува весникот „Бота Сот“ во текст под наслов „Катастрофален егзодус, губење на работна, економска и безбедносна сила“.

Политичкиот аналитичар Бахри Цани по повод масовниот егзодус на Албанци изјави дека тие се разочарани, а потрошиле и многу пари, по што немаат веќе што да загубат, а со такви луѓе треба да се внимава, пренесува Танјуг.

Егзодусот како феномен на Косово ја ослабнува секоја сфера во животот и претставува потенцијална опасност за целосно губење на довербата во способноста за создавање на држава, но и губење на довербата и во политичките субјекти.

Исто така, ваквото масовно иселување ќе влијае негативно и на безбедносниот аспект со оглед на тоа дека сега е општо познато дека 10 проценти од населението на Косово ја напуштило земјата, пренесува весникот „Бота Сот“.

Експертот за европски интергации Емрус Ујкани нагласува дека масовниот егзодус на косовски жители во земји на ЕУ претставува најтешка форма на тешката состојба низ која минува еден дел од косовското општество. Ситуацијата е уште потешка, поради фактот дека дел од тие луѓе кои мигрирале прифаќаат секаков вид на жртвување само повеќе да не се вратат во Косово, истакнува Ујкани.

Политичкиот аналитичар Блерим Бурјани смета дека состојбата е особено загрижувачка и од безбедносен аспект, бидејќи голем број луѓе го напуштиле Косово. Според него врз безбедноста на една држава влијаат голем број фактори, но масовен егзодус укажува на јасни индикации за несигурност за живот на граѓаните на Косово, како резултат на долгогодишното владеење на една партија.

Аналитичарот Арбер Гаси смета дека егзодусот во психолошка смисла веќе е дел од националната култура, како и дека причините за ваквиот егзодус се познати, но институциите на Косово не ги третираат на соодветен начин.