„Бота Сот“: Најмалку 150.000 луѓе заминале од Косово

Се проценува дека околу 100 илјади луѓе заминале од Косово од август до декември минатата година, а од почетокот на годината уште околу 50.000, иако тоа никој официјално не го кажува, објави денеска приштинскиот дневен весник „Бота Сот“.

Весникот истакнува дека ако се претпостави дека лани најмалку 100.000 луѓе заминале од Косово тоа значи дека шест проценти од населението ја напуштило земјата за неколку месеци. Според податоци на косовскиот Институт за статистика, во Косово живеат 1,8 милони луѓе.

Косовскиот експерт за демографија проф. Рифат Блаку наведува дека егзодусот на населението може да биде „фатална експлозија“ за Косово и оти иселувањето создава демографски трауми.