Божикен ручек за 400 деца од Македонија

Традиционален заеднички божикен ручек за деца од повеќе градови од Македонија беше организиран денеска по деветти пат во хотелот „Кристал палас“ во Прилеп.

Ручекот е во организација на Детската амбасада „За сите деца во светот“.

Александра Северковска-Стојановска од Детската амбасада истакна дека  целта на  традиционалниот божикен ручек е децата да се дружат и да ја почувствуваат радоста на Божик.

– Целта е едно небо за сите деца. Денеска на заедничкиот ручек се околу 400 деца од повеќе градови во земјава, деца без родители, деца на загинатите бранители, деца со посебни потреби и деца од сите верски заедници, рече Северковска-Стојановска.

Божикниот ручек го благослови владиката Петар кој нагласи дека ова е најрадосниот празник, посебно за најмладите.

Прилепскиот градоначалник Марјан Ристески на децата им подели новогодишни пакетчиња.

– Задоволство е да се биде со децата токму на Божик. Им поскаувам сите желби да им се исполнат и да имаат радосни детски денови, рече Ристески.

На денешната свеченост по шести пат беше доделен и Орденот на мирот. Го доби првиот човек на АД „Гранит“ од Скопје, Страшо Милковски.

За божикната атмосфера во хотелот „Кристал палас“ се погрижија хорот „Детски ангели“ од Прилеп и младите од фестивалот „Ѕвездички“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.