Свет

Божиќна порака на папата: Бидете сите миротворци

Божиќна порака на папата: Бидете сите миротворци

Папата Франциско кој го прослави првиот Божиќ како врховен поглавар на Римокатоличката црква, повика денеска на дијалог за да се заврши судирот во Јужен Судан и сите војни во светот, со порака дека сите треба да се стремат кон лични миротворни напори.

Обраќајки се пред десетина илјади собрани луѓе, од главниот балкон на црквата Св.Петар, тој ја упати првата порака „Urbi et Orbi“ (на градот и на светот) на темата мир.

„Господ е мир, да се помолиме да ни помогне да бидеме миротворци секој ден во нашите животи и во нашето семејство, во нашите градови и земји, во цел свет,“ порача папата.

Пораката која ја носи раѓањето на Исус Христос во Витлеем е упатена до „секој маж и жена кои не престануваат да гледаат низ темнината, кои се надеваат на подобар свет, кои се грижат за другите додека послушно ги извршуваат своите должности,“ истакна тој.

Поглаварот на Римокатоличката црква, која брои околу 1,2 милијарди припадници, повика на спасување на природната средина од човекова лакомост.

Папата повика на дијалог за да завршат судирите во Сирија, Нигерија, Конго и Ирак и се помоли за поволен исход на мировниот процес меѓу Израелците и Палестинците.

„Војните загрозуваат и уништуваат многу животи,“ предупреди папата, истакнувајќи дека најранливи жртви се децата, постарите лица, злоставуваните жени и болните.

Во своето обраќање папата се молеше за спасот на децата кои се киднапирани, ранети и убиени во вооружени судири или пак се лишени од детството и се приморани да бидат војници.

Тој повика на достоинствен живот на мигрантите, молејќи се никогаш да не се повторат трагедиите во кои стотина луѓе загинаа во бродска несреќа кај италијанскиот остров Лампедуза. Посебно повика на борба против трговијата со луѓе, која ја нарече „злосторство против човештвото“.

Папата Франциско ужива голема популарност откако е избран на чело на Римокатоличката црква, а магазинот „Тајм“ го прогласи за личност на годината