Божикна честитка на премиерот Груевски

Премиерот Никола Груевски по повод големиот христијански празник Божик упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, членовите на Синодот, на ценетото свештенство и монаштво и до сите православни верници од Македонија и дијаспората.

– Христовото раѓање и симболиката на Божик е една од најсилните поткрепи на секој верник. Овој ден не потсетува дека Бог во својата намера да го доближи човекот до себе, одлучи и Самиот Тој да постане човек и да ги превземе врз себе сите слабости и гревови на човековата природа. Токму затоа, Божик е најубавиот и најрадосниот христијански празник. Да одбележиме, но и да се потрудиме да вратиме со добри дела, со чиста мисла, со љубов, толеранција и трпение. Да го празнуваме заедништвото со Бога и да се помолиме и во иднина Бог да биде со нас во сите потешкотии за да ги надминеме, во секоја тага за да ја пребродиме и во секоја радост да ја удвоиме, се вели во честитката.

Воедно, се додава, како денес, така и засекогаш, нашите срца и домови нека бидат отворени за нашиот Бог, за сета добрина и милостина, нека од нив блика светлина која ќе ја рашири божикната магија од милосрдие и радости.

– Нашите молитви нека донесат многу здравје, успех и благосостојба на сите верници во Република Македонија и секаде во македонската дијаспора. Нека Бог донесе мир и љубов во сечие срце! Нека неговата мудрост ни донесе благосостојба и многуброен пород! Нека е за многу години големиот христијански празник – Божиќ! Христос се роди!, се вели во честитката од премиерот Груевски.