Божикна честитка на претседателот Иванов

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, упати честитка до Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и до сите христијани, по повод големиот празник раѓањето Христово – Божик.

– Дозволете ми, Вам лично, на сите верници од православна вероисповед, на членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното свештенство и монаштво, да Ви упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник, Рождество Христово – Божиќ.
На овој величествен ден чувствуваме радост и благодарност кон блиските, потсетувајќи се дека најголемата среќа е во едноставните работи, во топлината на домот и миговите поминати со семејството и ближните, во благородните дела кон оние на кои им е потребна нашата помош споделувајќи добрина и меѓусебно разбирање, се вели во честитката.

Божик е празник на мирот, празник на слогата и на единството.

– Одбележувајќи го Христовото раѓање ја славиме безусловната љубов како онаа која мајката ја дава на своето дете, ја славиме победата над предрасудите, разликите и поделбите. Овој празник не потсетува на учењето на Божјиот син, да бидеме човечни и хумани, да бидеме солидарни и праведни. И во годините кои следат соживотот, заемното помагање и почитување треба да се наша водилка, наш белег и заложба, стои во текстот.

Претседателот Иванов на неговото Блаженство, честитајќи му го големиот христијански празник, му посакува добро здравје и спокоен духовен живот.

– На верниците од православна христијанска вероисповед им посакувам убаво празнично расположение, опкружени со своите најблиски и исполнети со радост, се вели во честитката на претседателот Иванов до архиепископот Стефан и до православните верници.