Божикната елка во Витлеем во темница

Палестинците ги изгаснаа божикните светилки во местото на Исусовото раѓање во Витлеем во средата навечер во знак на протест поради одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го призне Ерусалим како главен град на Израел.

Божикното дрво украсено со светилки пред витлеемската базилика Рождество Исусово, каде се верува дека е роден Исус Христос, и второто во Рамала, покрај гробницата на поранешниот палестински лидер Јасер Арафата, потонаа во темнина.

„Светлата на божикното дрво се изгаснати по налог на градоначалникот во знак на протест поради одлуката на Трамп“, изјави Фади Гатас, претставник на градските власти за односи со јавноста. Додаде дека не е познато засега дали светилките повторно ќе бидат запалени пред централните божикни свечености.

Американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон објави дека донел одлука да го призне Ерусалим како израелска престолнина и да ја пресели американската амбасада во овој град.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху порача дека потегот на Трамп означува почеток на нов пристап во израелско-палестинскиот судир, како и дека тоа претставува „историска пресвртница“.

Арапите од регионот, поддржани од муслиманите ширум Блискиот исток, ја осудија американската одлука како „потпалувачка“ во и онака нестабилниот регион.

Обединетите нации и Европската унија изразија загриженост поради можните последици за обновувањето на мировниот дијалог меѓу Израел и Палестинците.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.