Божиновски: Декларацијата на албанските партии требаше да се објави пред изборите, а граѓаните протестираат против нешто што им се наметнува

Декларацијата на албанските партии требаше да се објави пред изборите и народот да знае за кого и за што гласа, а притоа граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ излезе на улиците против нешто што им се наметнува, не за да ја заштитат власта,истакна универзитетскиот професор Владимир Божиновски во „Аргументи“ на ТВ НОВА.

„Оваа платформа, или декларација,создаде сериозна тензија. Не навлегувам во содржината, велам создаде тензија и поради тоа за неа мора да се дискутира. Декларацијата беше претставена два дена по изборите. Тоа отвора многу прашања, а меѓу нив и тоа дали гласачите на СДСМ гласаа за таа декларација? Не велам дека декларацијата треба да се отфрли или прифати. Велам дека требаше да се стави на маса две седмици пред изборите и на партиите да им се дадеше шанса да се изјаснат, па народот ќе знаеше дали  и за кого да гласа“, смета Божиновски.

Во врска со протестите што ги оранизира повеќе од два ипол месеца граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, Божиновски оценува дека станува збор за протест на граѓаните против нешто што им се наметнува против нивната волја, а не со цел да ја заштитат власта на ВМРО-ДПМНЕ.

„Доколку тие добијат гаранција дека ќе се остави на страна таа платформа, немаат потреба да протестираат. Овие луѓе не беа на улица за да ја заштитат власта на ВМРО-ДПМНЕ, како што се обидуваа да прикажат, меѓу нив имаше и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, имаше луѓе кои не гласале за ниту една партија, гласале за едни или за други… Во секој случај, голем број луѓе излегоа три месеца против нешто што им се наметнува и нивните барања треба да се земат предвид, како што се земаа за време на протестите на ’Шарената револуција’. На тој начин гневот ќе се канализира и ќе може институционално да се решава секој проблем“, рече меѓу другото Божиновски во „Аргументи“ на ТВ НОВА.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.