Браќа џихадисти од Косово убиени на боиште во Сирија

Последните жртви, Албанци од Балканот, на боиштата во Сирија, како џихадисти, се браќата Валон и Хашим Алиу, од селото Жегра, кај Гњилане. Веста ја потврдиле и нивните најблиски.

– Да точно е. Пред една недела ни јавија дека тие се убиени таму, потврдила нивната мајка.

За Сирија тие заминале пред десет месеци, без за тоа да им кажат на домашните, пренесува МИА.

– Во јануари годинава излегоа од дома без да ни кажат каде одат. Три месеци не знаевме ништо за нив. Потоа ни се јавија и ни рекоа дека се добри, раскажала мајка им.

Според нивната сестра телата на нејзините браќа се погребани во Сирија.

– Сите знаат дека тие се убиени, кој сака може да дојде за сочувство, но ние не гледаме за потреба да ги отвориме вратите за тоа, бидејќи ги немаме телата, тие се закопани таму за нас животот продолжува, изјавила таа.

Со смртта на браќата Алиу, како што јавуваат косовските медиуми, бројот на загинататите косовски Албанци кои се борат на страната на ИД се искачи на педесет.

Деновиве беше потврдена смртта на Басри Сулејмани од Приштина, кој бил десна рака на лидерот на албанските џихадисти во Сирија, Лавдарим Мухаџери. Тој загинал при бомбардирањата на еден од камповите на ИД во Сирија.