Бранот мигранти од Македонија пристигна во Унгарија

migranti makedonija grcija srbija ungarija

Првите 1.000 мигранти, од вкупно 7.000, кои пред неколку дена направија инциденти во Македонија, пристигна во Унгарија.

Бранот мигранти во Унгарија бил пресретнат од полиција, која ги придружувала до центар за регистрација на бегалци.

Тие пристигнале само неколку дена пред завршување на изградбата на ѕидот, кој унгарските власти го градат на границата со Србија, а со цел запирање на наплив од мигранти. Според планираното тој треба целосно да биде завршен до 31 август, годинава.

Претпоставките се дека по завршувањето на ѕидот, протокот на мигранти ќе се пренасочи кон Хрватска и кон Словенија. Моментно трасата на мигранти оди преку Грција и Македонија, потоа преку Србија, и на крајот Унгарија. Дел од мигрантите заминуваат кон северна Европа, а некои се обидуваат да стигнат до Велика Британија.

Шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц, вчера заедно со македонскиот министер за внатрешни работи Митко Чавков го посети прифатниот камп за мигранти во Гевгелија. Ситуацијата во Македонија е драматична, земјата е оставена сама да се справува со големиот број мигранти и затоа ЕУ мора да помогне, оцени Курц.

Неопходен е заеднички пристап и не смее понатаму да се дозволи во Македонија да влегуваат нерегистрирани мигранти од Грција. Европската унија конечно мора да погледне и на бегалската рута во Македонија, а не само на таа во Италија. Долгорочно решение на проблемот е можно само ако се договорат кризните држави. Во секој случај, Австрија ќе помогне и ќе соработува со македонската Влада, рече Курц.

Министерот Чавков посочи дека само во саботата во Гевгелија се создаде наплив од 8.000 бегалци што претставува една третина од населението на градот.

Ескалацијата на мигрантската криза ќе продолжи

Есклацијата на мигрантската криза ќе продолжи
Ескалацијата на мигрантската криза ќе продолжи

Со околу 800 припадници на полициските сили и помошта од АРМ успешно се справивме со нив, но ескалацијата од ден на ден е се’ поголема поради неконтролираниот влез на мигранти од грчка страна. Наша примарна цел е хуманиот однос и третман кон мигрантите и нивна заштита во трансферот во Македонија. Од безбедносен аспект успеавме да ги заштитиме од организирани групи и криминални мрежи кои ги прифаќаа и нелегално ги превезуваа до Србија, рече Чавков.

Наша проценка, истакна македонскиот министер за внатрешни работи, е дека ескалацијата ќе продолжи и дека е нелогично што проблемот ни доаѓа од земја-членка на ЕУ со која немаме никакви контакти во тој дел, поради што очекува конкретна помош од Европската унија.

Тој информира дека наскоро во Македонија за изнаоѓање заеднички решенија околу бегалската криза ќе се состанат министрите за внатрешни работи на Австрија, Унгарија, Србија и Македонија.