Главниот и одговорен уредник на дневниот весник близок до СДСМ, „Слободен Печат“, и раководител на проект кој го издава порталот „Плусинфо“, кој исто така е близок до опозицијата, Бранко Геровски, во 1995 и 1996 година, бил дел од тимот на полицискиот весник „Безбедност“.
Во импресумот на гласилото на МВР, стои дека Бранко Геровски бил дел од редакцискиот одбор.
Во тоа време министер за внатрешни работи беше Љубомир Фрчковски, но Геровски свој ангажман за полицискиот весник имал и во времето на министерувањето на Слободан Чокревски, односно во период од управувањето на владата на СДСМ, и Бранко Црвенковски.
Тогашни блиски соработници на Геровски за Нетпрес потврдија дека тој работел за МВР, а некои негови колеги од тоа време дури и му замериле што тој имал ангажман во полиција.
Интересно е што во 1995 година, Бранко Геровски работел во дневниот весник „Вечер“, а истовремено бил ангажиран во полицискиот весник „Безбедност“. Но, уште поинтересно е што во јануари 1996 година, Геровски, заедно со уште двајца свои колеги новинари, го стартува „Дневник“, приватен независен дневен весник. Сепак, тој си го задржува својот ангажман во МВР и во текот на 1996 година. Со ова, „слободното новинарско перо“ бил меѓудругото и режимски новинар ангажиран од полицијата.
Последен пат во импресумот на полицискиот весник Геровски се појавува во бројот од месец септември 1996 година.
Нетпрес не успеа да обезбеди информација дали Геровски добивал финансиска надокнада за својот ангажман во полициското гласило, или пак тоа било регулирано на некаков друг начин. Но, исто така е непознато и какви се други ангажмани и задачи добивал Геровски од полицијата, тогаш контролирана од Фрчковски.
Инаку во пошироката јавност е познато дека тоа е период на строга контрола на слободната мисла и монопол на медиумскиот пазар. Исто така, тоа е период кога со посредство на полицијата се превземаат акции за масовно прислушкување на политичките неистомисленици и период кога почнува медиумската плурализација, која според многумина аналитичари се прави под строга контрола на полицијата.
И Мирослав Грчев работел за полиција
Друга личност интересна за македонската јавност, која имала ангажман во полицискиот весник е архитектот и поранешен градоначалник од редовите на СДСМ на Општина Центар, Мирослав Грчев. Тој бил задолжен за ликовно-графичкото решение за изданието на МВР.
И неговото име е наведено во импресумот на „Безбедност“, а како и Геровски и тој работел во времето и на Фрчковски и на Чокревски во МВР.