Свет

Братислава воведува сериозни мерки за безбедност поради самитот на ЕУ

Братислава воведува сериозни мерки за безбедност поради самитот на ЕУ
Во Братислава се воведуваат сериозни мерки за безбедност во врска со самитот на Европската унија, кој ќе се одржи во главниот град на Словачка оваа недела.

Главни теми на самитот ќе бидат иднината на ЕУ по одлуката на Велика Британија да ја напушти Унијата, како и миграциската криза.

Словачките власти тврдат дека вакви мерки за безбедност во Братислава не се воведени од средбата меѓу претседателите на САД и Русија, Џорџ Буш помладиот и Владимир Путин, која се одржа на неутрална територија во градот во февруари 2005 година.

Европските лидери ќе се состанат во Братиславскиот замок, кој се наоѓа на рид над Дунав. Сите патишта поврзани со замокот и аеродромот во Братислава ќе бидат затворени неколку часа. Сите мостови над Дунав ќе бидат затворени на кусо.

Патниците, кои ќе патуваат од аеродромот, се посоветувани таму да пристигнат најмалку три часа пред летовите.