Обвинителството ги гони братот на Зоран Заев, Вице, и Оливер Спасовски за изборни измами

Вице Заев, братот на лидерот на СДСМ Зоран Заев, и бившот министер во МВР од редовите на оваа партија, Оливер Спасовски, се осомничени за изборни измами во истрагите кои ги води Основното јавно обвинителство, дознава Нетпрес неофицијално од извори во истрагата.

Обвинителството вчера соопшти дека „спроведува предистражни постапки за утврдување на постоење на основи на сомневање за организирано извршени кривични дела против изборите и злоупотреби на службените овластувања во вршење на функцијата од страна на поранешни високи функционери на МВР и други физички и правни лица од Скопје, Куманово и Струмица“.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја известува јавноста дека работејќи континуирано на откривање и гонење на организираниот криминал и корупција, спроведува предистражни постапки за утврдување на постоење на основи на сомневање за организирано извршени кривични дела против изборите и злоупотреби на службените овластувања во вршење на функцијата од страна на поранешни високи функционери на МВР на РМ и други физички и правни лица од Скопје, Куманово и Струмица. Делата за кои се водат постапките се вршени во текот на 2014 и 2016 година. Постојат основи на сомнение дека лицата вршеле влијание врз начинот на гласањето преку различни форми за време на изборите, со што ги сториле кривичните дела.

Во насока на целосно утврдување на фактичката состојба, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција  презема  дејствија на вршење проверки и прибавување на потребни известувања, податоци и докази“, се вели во информацијата на Обвинителството.

Нашите извори велат дека станува збор за сомненија за нелегално финансирање на кампањата и корупција при изборниот процес, односно купување на гласови или правно влијание врз волјата на гласачите. Првичните сознанија на истражните органи се дека во прашање се илјадници гласови, а што се однесува, пак, до сумите кои фигурираат засега информации велат дека стануба збор за стотици илјади евра. Освен парите, се проверува и поврзаноста и нудењето на разни други услуги во замена за гласови, како условување со вработувања, тендери преку кои потоа се финасирала кампањата и разни активности преку т.н. невладин сектор. Неофицијално, изворите од истрагата за Нетпрес велат дека Вице Заев наводно бил фатен како дели пари на ромското население во Турското маало во Струмица, и дека за тоа имало и докази.

За случајот од 2014 година, медиумите објавија дека Обвинителството одзело компјутери од општината Струмица, за кои се претпоставува дека содржат податоци корисни за истрагата.

Додека за случајот од декември, 2016 година, медиумите објавија дека е извршен претрес во домот на началникот на кумановската полиција.