Македонија,Економија

Браунфилд инвестициите интересни за домашните инвеститори

Браунфилд инвестициите интересни за домашните инвеститори

Домашни инвеститори главно од скопскиот и јужниот регион се најзаинтересирани за реализација на браунфилд инвестиција. Најголем е интересот за инвестиции во Гевгелија и Струмица, пишува МИА.

„Расте заинтересираноста, но имајќи предвид дека регистарот на објекти е се уште нов и недоволно познат за јавноста, заинтересираноста е се уште мала како за барањето информации за постоечките објекти во регистарот така и за внесување на нови објекти во регистарот“, истакнуваат од Агенцијата за привлекување странски инвестиции и промоција на извозот, за МИА.

Оттаму очекуваат во наредниот период со зголемувањето на запознаеноста за постоење на ваков регистар да се зголемат и интересот и побарувањата за информации во врска со објектите како од домашните, така и од странските инвеститори.

На листата се наоѓаат над 400 објекти, во кои спаѓаат цели комплекси или делови од компании од поранешни производствени капацитети, како што се фабрики, хали, сали, магацини, деловни згради и туристичко-сместувачки капацитети, како хотели и одморалишта. Меѓу земјоделските капацитети има оранжерии делови од комбинати, производствениповршини и слично.

Овие над 400 објекти наведени во листата располагаат со простор од над 1.700.000 метри квадратни, а доколку се земе вкупната површина која е содржана на листата, во која покрај објектите спаѓаат и дворовите, земјоделски површини поврзани со процесот на производство, градежните земјишта и слично, тогаш вкупната површина изнесува над 4.500.000 метри квадратни.

Меѓу попознатите капацитети кои се на листата се Фабриката за акумулатори Пробиштип, Јака Табак Радовиш, Фротирка Делчево, Македонка Штип, Фабрика Македонија Неготино, Хемтекс, Застава Охрид, Езерка Охрид, АДГ Маврово, Порцеланка Велес, Киро Кучук Велес, Отекс, ЕМО, Металка Кичево, Карпош Крива Паланка, хотел Македонија Берово, Одморалиште Стар Дојран, хотел Фламенго Охрид, МЗТ Пумпи Берово, Огражден, Фабрика за кабли Неготино, Леснина, Бујото…

За секоја единица ресурс постои опис на објектите што ги содржи, на дополнителниот простор во негов состав, на видот на сопственоста, на инфраструктурната поврзаност со пат, на приклучокот за струја, вода, телефон и интернет, на видот на оптоварување на објектот доколку постои оптоварување, и контакт податоци за субјектите.

Базата на податоци во соработка со сите државни институции, но и со стопанските комори, комерцијалните банки, Комората на извршители и Комората на стечајни управници, до кои беше доставен соодветен образец во кој субјектите ги пополнуваа постоечките капацитети кои се во нивен или посед на нивните членки, а кои се погодни за оваа намена.

Базата на податоци е поставена на интернет страната на Агенцијата за привлекување странски инвестиции и промоција на извозот за да може потенцијалните заинтересирани страни да се запознаат и да стекнат првичен впечаток за можностите и податоците. Податоците се испратени и до дипломатско-конзуларните претставништва и економските промотори за промоција на капацитетите од неа пред странските инвеститори.

Листата е отворена за надградување и дополнување, и сите субјекти кои имаат интерес за објава на неа може тоа да го направат преку Агенцијата за странски инвестиции, која дава и дополнителна логистика за поврзување меѓу интересентите и сопствениците на ресурсите од листата.

Потенцијалниот инвеститор на ваква браунфилд инвестиција ќе може да го одбере деловниот потфат кој ќе го реализира во капацитетите од листата и тоа во поглед на стопанската дејност која ќе ја извршува, притоа почитувајќи ги законските прописи кои ја уредуваат материјата и тоа меѓу другото и во поглед на почитување на урбанистичките планови кои ја детерминираат катастарската област, намената на објектите и почитувањето на еколошките стандарди.

За странските и за домашните инвеститори овој концепт нуди нови можности, а од корист е и за забрзување на стечајните постапки и рационализација во разлачувањето на имотот и можностите за реорганизација на деловниот потфат на стечајниот субјект, и од корист за комерцијалните банки и извршителите за расчистување со хипотекарен имот заснован на должничко-доверителски односи.