Бразил 20 години не загубил трет натпревар во групите на мундијалите

Интересна е статистика пред натпреварот меѓу Србија и Бразил вечерва во Москва. Во последните седум натпревари на светските првенства против селекции од Европа, Бразил славел само еднаш, против Хрватска (3:1) пред четири години кога беа домаќини на Мундијалот. Во останатите шест натпревари Бразилците два пати загубија, а ремизираа четири пати. Кога станува збор за третите, решевачки натпревари во групите, „кариоките“ не биле поразени во последните 20 години.

Во однос на сегашната форма, Бразилците не се поразени во последните 13 натпревари во сите натпреварувања. Запишаа девет победи и четири ремија со тоа на шест од последните седум натпревари не примиле гол.

Во првите две натпревари во Русија Бразилците создадоа голем број на шанси, но не се покажаа најефикасни. Бидејќи Бразил се уште не обезбеди место во осминафиналето, селекторот Тите не сака ништо да остави на случајот, па последните тренинзи се посветени на реализацијата, а во нив не учествуваа само напаѓачите.

Од српскиот камп доаѓаат оптимистички изјави па изгледа дека избраниците на Крстајиќ успеале барем малку да заборават на поразот од Швајцарија.

Мислам дека поголем е притисок врз Бразил бидејќи тие не се навикнати на ваква ситуација за да можат да се вратат дома уште по натпреварите во групата. Ние немаме што да загубиме и како што играме имаме изгледи за поминување. Мораме да бидеме мудри, да дадеме најдобро од самите себе и со малку среќа и Божја помош можеме да победиме, рече Александар Митровиќ, првиот напаѓач на Србија.

Нема недостиг на оптимизам и кај играчот од средниот ред, Сергеј Милинковиќ-Савиќ, кој потсети дека младиот српски национален тим во финалето на Светскиот куп во Нов Зеланд го победи Бразил со 2-1.

Треба да заборавиме што се случило и да се свртиме кон натпреварот на животот. Немате многу можност да играте против Бразил, играв против нив во Нов Зеланд, но сега тоа е малку поинаку, повисоко ниво со поискусни играчи. Овој бразилски тим има слабости, ќе се обидеме да ги загрозиме од контранапади, вели Савиќ.