Бразил ја совлада Венецуела и си закажа дуел со Парагвај

Репрезентацијата на Бразил обезбеди пласман во ¬етвртфиналето од Копа Америка и тоа како првопласиран во својата група откако ноќеска ја совлада Венецуела со 2:1.

Петкратниот светски првак беше апсолутно подобар противник, доминираше во текот на сите 90 минути и сосема заслужено стигна до победата. Резултатот го отвори Тиаго Силва во деветтата минута по еден корнер од десната страна. Тоа беше единствен гол во првото полувреме, а во 55-та минута Роберто Фирмино зголеми на 2:0.

Се чинеше дека тука е крајот на надежите за Венецуела на која и беше доволен и нерешен резултат, но фудбалерите на оваа репрезентација не мислеа така. Во 84-та минута, Аранго одлично изведе еден слободен удар, Џеферсон одбрани, а на одбиената топка натрча Федор кој намали на 2:1. Во последните минути Венецуела имаше уште една шанса, но не успеа да израмни.

Триумфот на Бразил дополнително добива на значење ако се знае дека е остварен без најдобриот играч во тимот Нејмар, кој е суспендиран. Во четвртфиналето, “кариоките” ќе се сретнат со селекцијата на Парагвај.