Бразил: Поплавите однесоа 10 човечки животи

Десет лица загинаа, а уште десет се водат како исчезнати во поплавите и одроните кои што го погодија малото гратче во југоисточната бразилска држава Сао Паоло.

Канцеларијата за цивилна заштита навела дека повеќе од 300 лица биле принудени да ги напуштат своите домови во Итаока, кога реката излеала и го поплавила гратчето, по повеќе од пет часа поројни дождови. Раселените лица се привремено сместени во училишта и цркви.

Патиштата кои водат до Итаока се непроодни, а во таа област нема вода и струја. Властите прогласиле вонредна состојба.

Во поплавите и лизгање на земјиштето на крајот на минатата година загина 41 лице во бразилската држава Еспирито Санто и Минап Жераиш.