Бразилците и фудбалерите на Реал Мадрид најбројни во тимот на годината на ФИФА

Меѓународната фудбалска асоцијација ФИФА на свеченоста во понеделникот вечерта во Лондон ги објави имињата на играчите кои го сочинуваат најдобриот тим годинава, а меѓу нив дури пет се членови на европскиот шампион мадридски Реал, а според националноста Бразилците се најбројни со тројца претставници.

Најдобрите единаесетмина во изборот на ФИФА ги избираат токму самите играчи и со тоа ова признание е уште позначајни бидејќи доаѓа од колегите професионалци.

На голот на идеалниот тим е Џанлука Буфон (Италија, настапува за Јувентус).

Во одбраната се Дани Алвеш (Бразил, Јувентус и ПСЖ), Леонардо Бонучи (Италија, Јувентус и Милан), Серхио Рамос (Шпанија, Реал Мадрид), и Марсело (Бразил, Реал Мадрид).

Во средниот ред се Лука Модриќ (Хрватска, Реал Мадрид), Тони Крос (Германија, Реал Мадрид) и Андрес Иниеста (Шпанија, Барселона).

Во нападот се Лионел Меси (Аргентина, Барселона), Кристијано Роналдо (Португалија, Реал Мадрид) и Нејмар (Бразил, Барселона и ПСЖ).