Бред Пит одговори дека дал милиони на Џоли и децата

Актерот Бред Пит ги отфрли обвинувањата од својата поранешна сопруга Анџелина Џоли дека не плаќал алиментација за децата и ја обвини дека манипулира со медиумите.

Во последниот серијал од меѓусебни обвинувања на двојката своевремено позната како Бранџелина, адвокатите на Пит велат дека актерот од разделбата во 2016 година платил повеќе од 1,3 милиони долари за сметките коишто ги направиле Џоли и нивните шест деца.

Во документите поднесени пред судот во Лос Анџелес, се наведува дека Бред Пит, покрај тоа, на Анџелина Џоли ѝ позајмил 8 милиони долари за купување на куќата во којашто сега таа живее.

Претходно во вторникот адвокатите на Џоли го обвинија Пит дека не платил никаква „значителна“ алиментација во изминатите година и половина. Меѓутоа, адвокатите на актерот велат дека овие обвинувања се „лоши обиди за манипулации со медиумите“.

Двојката има шест деца, од кои три посвоени, на возраст од 10 до 17 години. Џоли бараше целосно старателство над децата по поднесувањето на барањето за развод. Во јуни судот ѝ нареди на Џоли да му овоможи на Пит повеќе време да минува со децата или во спротивно ќе го загуби примарното старателство. Порано гламурозната холивудска двојка се разијде пред 18 месеци, но судот допрва треба да ги утврди условите за разводот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.