Брејвик ја обвини Норвешка дека ги крши човековите права

Брејвик ја обвини Норвешка дека ги крши човековите права

Масовниот убиец Андерс Беринг Брејвик денеска започна судски процес против норвешката држава обвинувајќи дека му се прекршени неговите човекови права, со тоа што е држен четири години во строга изолација во затвор, пренесува Ројтерс.

Брејвик тужбата ја поднесе во главниот суд во Осло. Тој во тужбата се повикува на Европската конвенција за човекови права и има за цел да го принуди Осло да му обезбеди поголем пристап до луѓе.

– Тој е изложен на екстремен степен на изолација, изјави адвокатот на Брејвик Ејштејн Сторвик за Ројтерс, додавајќи дека неговиот контакт со други луѓе во најголем дел е сведен на чувари и здравствени работници.

И покрај ризикот дека можеби би бил нападнат, адвокатот на Брејвик смета дека тој има право да контактира со други луѓе, односно со други затвореници.

– Судот ќе одлучи дали ќе ја разгледа неговата жалба, вели Сторвик.

Брејвик, кој сега има 36 години, активира бомба во центарот на Осло на 22 јули 2011 година при што загинаа осум лица, а потоа изврши напад на островот Утоја, каде уби 69 лица.

Тој е осуден на 21 година затвор, што воедно е и максималната казна во Норвешка, иако постои можност таа да биде продолжена ако биде утврдено дека тој и натаму е закана за општеството.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.