Бренер: Срушете им ги предрасудите на Германците за Македонија и повеќе промовирајте се на Интернет

Германците имаат големи предрасуди кон земјите од поранешна Југославија, посебно претприемачите и сопственици на мали и средни претпријатија, рече денеска германскиот експерт Хито Бренер, основач на консултантска компанија AWI International Services GmbH, кој имаше предавање во Стопанската комора на Македонија.

„Некои Германци во мислите живеат во периодот од пред 10 години…Некои се’ уште мислат дека таму има војна. Работете на тоа да им се симнат предрасудите“, рече Бренер, порачувајќи им земјата во исто време повеќе да поработи на маркетингот посебно на Интернет.

„Земјата мора да се промовира преку маркетинг, но на добар пат е да го направи тоа“, рече Бренер.

Тој им порача на македонските компании повеќе да ги искористат можностите што ги нуди Германија, најмногу преку учество на саем, на кои што може да се развијат одлични бизнис релации.

Залудно е да имате квалитетен производ, рече тој, доколку нема добар маркетинг.

Овој германски експерт изрази големо воодушевување од Скопје, од луѓето, нивниот дух и однос, нагласувајќи дека Македонија има големи капацитети кои мора да се искористат.

Во Германија, според податоците со кои што располага Бренер, живеат околу 200.000 Македонци, кои што се одлични претставници на земјата од која доаѓаат, а се успешни во она што го работат. Најчесто Македонците во Германија се занимаваат со угостителство и трговија и во одлично светло, рече тој, ја претставуваат Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.