„Брима Галуп“: ВМРО-ДПМНЕ ќе освои 162.000 гласа повеќе од СДСМ

Убедливо мнозинство граѓани би гласале за владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ доколку изборите се одржат следната недела наспроти најголемата опозициска партија, покажала најновата анкета на „Брима галуп“. Во истражувањето на јавното мислење, направено по барање и во соработка со неделникот „Република“ во периодот од 11 до 17 ноември годинава, и со кое се анкетирани 1.006 испитаници, се покажало дека владејачката партија има предност од 9,1 проценти. Односно, својот став дека ќе гласат за ВМРО-ДПМНЕ го искажале 25,8 од испитаниците, а за СДСМ се изјасниле 16,7 отсто.

7f375d0a39b95b4b96710535deeb8dd8

-Пресметано во однос на вкупниот број гласачи од 1.784.524 граѓани, колку што се заведени во прочистениот Избирачки список, излегува дека за партијата чиј лидер е Никола Груевски би гласале 162.392 граѓани повеќе отколку за партијата на Зоран Заев. Така, за коалицијата на 25-те владејачки партии би се определиле 460.407 граѓани, а за нивните политички опоненти 298.015 лица. Ова е пресметката направена во однос на вкупниот број гласачи, а се разбира, во зависност од одѕивот на гласачите на денот на изборите тие бројки може да варираат. Но, според анкетата, процентуалната предност на владејачката партија ќе биде задржана, пишува ДНЕВНИК.

На две недели пред изборите истражувањето покажа и тоа дека граѓаните најмногу доверба имаат во лидерот на владејачката партија, Никола Груевски. Тој ужива речиси двојно поголема доверба од лидерот на опозицијата Зоран Заев. На Груевски му веруваат 20,8 проценти од гласачите наспроти 11 проценти кои му веруваат на Заев.

Доколку се издвојат одговорите на Македонците што биле дел од ова испитување на јавното мислење, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски, ја има довербата кај 28,6 отсто од македонските гласачи. За претседателот на СДСМ, Заев, се изјасниле 13,1 проценти од македонските гласачи.

Од друга страна, кога се работи за резултатите од анкетата кои се однесуваат на мислењето на Македонците, се покажува дека ВМРО-ДПМНЕ повторно е во значителна предност пред СДСМ. 35,9 отсто се изјасниле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а 21,6 отсто за СДСМ.

Инаку, најголем приоритет за граѓаните е подобрување на животниот стандард, а потоа следува вработувањето, па зголемувањето на личниот доход. Најдобро решение за приоритетниот проблем граѓаните го гледаат во владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Дури 26 отсто веруваат дека ВМРО-ДПМНЕ може да го подобри животниот стандард. 16,8 отсто решението на овој приоритетен проблем го гледаат во СДСМ.

– Истовремено, 33 отсто од сите испитаници се изјасниле дека ВМРО-ДПМНЕ е поактивна во нивната средина за да ја добие поддршката од населението, а 15,2 отсто сметаат дека тоа е СДСМ. Kај македонските испитаници таа разлика е многу поголема – 45,5 се изјасниле за владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а 19,8 проценти за СДСМ – се наведува во истражувањето.

ДУИ – 6,5 отсто, Беса – 3,2

Од друга страна, актуелната владејачка партија во албанскиот политички блок, ДУИ, ја доби довербата на 6,5 проценти од анкетираните. По неа следува движењето Беса со 3,2 проценти, а потоа ДПА со 3 отсто од анкетираните граѓани и партијата на Зијадин Села – 2,5 отсто. За ГРОМ би гласале 0,7 отсто од испитаниците, а за ВМРО-НП – 0,5 проценти.

Kако неодлучени се определиле 14,1 од граѓаните, со „немам одлука“ – 11,5 отсто, со „не знам“ – 4,5 и со „нема да гласам“ – 7,3 од оние што биле предмет на анкетирање.

Доверба во Али Ахмети имаат 5,6 отсто од анкетираните, во Мендух Тачи 2,8, во Билал Kасами 2,5 и во Зијадин Села 2,3 процента.