Брима Галуп: За 65 проценти од граѓаните демократијата е најдобар ситем на владеење

Брима Галуп: За 65 проценти од граѓаните демократијата е најдобар ситем на владеење
Брима Галуп: За 65 проценти од граѓаните демократијата е најдобар ситем на владеење

Мнозинството граѓани на Република Македонија или околу 65 проценти сметаат дека демократијата и покрај своите проблеми е најдобар систем на владеење со државата, односно 25 проценти потполно се согласуваат дека демократијата можеби има проблеми, но е најдобриот систем на владеење, а 40 проценти донекаде се согласуваат со овој став, покажуваат анализите на резултатите од глобалната студија „Крајот на годината – ставови за демократијата“ што ја изготвила Брима Галуп Интернационал.

За разлика од мнозинството, 14 проценти од македонските граѓани донекаде не се согласуваат со овој став, 11 проценти потполно не се согласуваат дека демократијата е најдобриот систем на владеење, а 10 проценти од испитаниците немаат став по ова прашање.

Анализата покажалa дека степенот на поддршка на демократијата на македонските граѓани е најблиска до степенот на поддршка на граѓаните во регионот на Источна Европа каде што просекот изнесува 64 проценти. Во Источна Европа најмал степен на поддршка на демократијата покажуваат бугарските граѓани каде што 52 отсто се изјасниле против идејата за демократијата како најдобар систем на владеење. Највисок степен на поддршка во овој регион има во Грузија – 78 проценти, кој е поголем и од глобалниот степен на поддршка кој изнесува 76 проценти.

На прашањето дали се согласувате со изјавата дека Македонија е водена според волјата на народот, 43 проценти потполно или донекаде се согласуваат, 53 се изјасниле дека донекаде не се согласуваат или потполно не се согласуваат, 5 проценти биле без одговор од испитаниците.

Истражувањето „Крајот на годината“ е годишна традиција која се спроведува од 1977 година. Годинава таа била спроведена во 65 земји во светот.

Теренската работа е спроведена во текот на периодот од септември до декември минатата година. Во Македонија Брима спровела теренска анкета „лице в лице“ во домот на испитаникот на национално репрезентативен примерок од 1.204 испитаници на возраст од над 15 години во периодот од 14 до 24 ноември минатата година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.