Брисел е првата дестинација на Иванов во новиот мандат

Прва дестинација во новиот мандат на претседателот Ѓорге Ивановќе биде седиштето на Европската Унија. Тој, по свечената инаугурација, на 15 мај ќе замине на средби со претседателот на Европскиот совет, Херман Ван Ромпуј, како и со комесарот за проширување Штефан Филе.

Ваквиот потег на Иванов, на почетокот на вториот мандат, во Брисел се оценува како исклучително позитивен. Фактот дека македонскиот претседател одлучил првите негови средби во новиот мандат да бидат токму со лидерите на ЕУ, кај пошироката европска јавност сигнализира дека Република Македонија под водство на Иванов останува доследна на европскиот курс и агенда, и исполнувањето на стратешките цели за европската интеграција на земјата, коментираат дипломати во Брисел.