Во Брисел почнува дводневен самит на ЕУ

Денеска во Брисел почнува дводневен самит на шефови на држави и влади во ЕУ на кој главни теми ќе бидат бегалската криза, заштитата на надворешните граници на Унијата, борбата против тероризмот и можното излегување на Велика Британија од ЕУ.

Ќе биде одржан и состанок за распределбата на бегалците во Европа на кој ќе учествуваат држави кои примиле најголем број бегалци, на иницијатива на германскиот канцелар, Ангела Меркел,

Откако Словачка и Унгарија пред една недела поднесоа тужба до Европскиот суд за правда поради планираното распределување на околу 140.000 бегалци во Унијата, Германија и други западноевропски држави засилено бараат решенија независно од источна Европа.

Тема на самитот ќе биде и желбата на Британија да ги реформира своите врски со ЕУ. Но, брзо решение нема да има бидејќи премиерот Дејвид Камерон во почетокот на ноември изрази полуконкретни барања за одржување референдум за членство во ЕУ во летото 2016 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.