Брисел загрижен поради исходот од британските парламентарни избори

Резултатите од предвремените парламентарни избори одржани во четвртокот во Велика Британија предизвикуваат загриженост во Брисел, бидејќи сега е неизвесно кога може да започнат преговорите за излегувањето на оваа земја од Европската унија.

„Не знаеме кога ќе започнат преговорите за Брегзитот, но знаеме кога треба да завршат“, порача преку Twitter претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. Ја повика Велика Британија да „стори сѐ за преговорите да не завршат без договор“.

Велика Британија на 29 март испрати официјално известување дека сака да ја напушти Европската унија и од тогаш започна да тече двегодишниот рок за завршување на преговорите. Почетокот на преговорите за Брегзитот е планиран за 19 јуни, но сега е речиси сигурно дека до тогаш нема да може да започнат.

Британската премиерка Тереза Меј ги распиша во април предвремените парламентарни избори на 8 јуни со надеж дека ќе го зајакне своето мнозинство во парламентот и така да ја зацврсти својата преговарачка позиција. Меѓутоа, спротивно на очекувањата, таа од изборите излезе само како релативен победник, губејќи го апсолутното мнозинство коешто претходно го имаше во парламентот.

Комесарот за буџет Гинтер Етингер изјави дека во едно интервју дека слаба влада во Велика Британија ќе претставува проблем за ЕУ. „Потребна ни е влада којашто може да дејствува. Со слаб преговарачки партнер постои опасност преговорите лошо да завршат“, рече Етингер.

Главниот преговарач за ЕУ Мишел Барние се истакна дека преговорите треба да почнат кога Велика Британија ќе биде подготвена.

„Уште еден автогол, по (поранешниот британски премиер Дејвид) Камерон, сега постигна и Меј, што дополнително ги компликува преговорите“, изјави шефот на либералната пратеничка група во Европскиот парламент, Ги Верховштад.

„Часовникот отчукува, а Велика Британија е длабоко поделена. Госпоѓа Меј сакаше стабилност, а доби хаос во својата земја“, порача челникот на пратеничката на европските народни партии во Европските парламент, Манфред Вебер.

Првиот човек на европските социјалисти, Џани Питела, вели дека премиерката Меј „доживеала катастрофа“. „Таа повеќе нема никаква веродостојност, ниту во Велика Британија, ниту во Европа“, истакнува Питела.

Во Европската унија посакуваа Меј да добие поцврста преговарачка позиција, сметајќи дека тоа би ги олеснило преговорите.

Европската страна сака да избегне преговорите да завршат без договор, бидејќи хаотичниот Брегзит би донел многу проблеми и за граѓаните и за економијата. Од друга страна, пак, во Британија често се истакнуваше дека би било подобро „никакво договор, отколку лош договор“.

Британската влада се реши за „тврд Брегзит“, што значи дека не сака да остане дел од единствениот европски пазар. Сега се поставува прашањето дали Лондон ќе остане на својот став и дали можеби новата влада ќе бара малку помеко излегување од ЕУ.

Британија сака да го контролира пристапот до својот пазар на трудот, што значи дека за граѓаните на ЕУ повеќе не би важела слободата на движењето на лицата и работната сили. Од друга страна, Брисел истакнува дека останување во единствениот европски пазар подразбира почитување на сите четири слободи: слободата на движењето на луѓето, стоките, и капиталот.