Британците гласаат: Да се остане во ЕУ или не?

Британците денеска на референдум ќе се изјаснат дали сакаат Велика Британија и натаму да остане членка на ЕУ или земјата да ја напушти Унијата. Станува збор за историско определување на Британците за европската иднина на нивната земја, откако 43 години Велика Британија е членка на ЕУ.

Гласачките места, како што е тоа правило во Британија, денеска ќе бидат отворени од 7 до 22 часот по локално време. Право на глас имаат 46,5 милиони граѓани, што е досега најголема бројка на запишани гласачи.

Државната изборна комисија соопшти дека првите, неофицијални резултати од референдумот треба да се очекуваат утре во утринските часови.

Трет референдум во британската историја

Како што пренесува МИА, ова е трето референдумско изјаснување во британската историја. Во 1975 година на тогашниот референдум мнозинството Британци одлучија нивната земја да остане членка на тогашната Европска економска заедница (ЕЕЗ)

Во 2014 година, британскиот премиер Дејвид Камерон вети дека доколку уверливо победи на парламентарните избори во мај 2015 година и сам ја формира идната влада, ќе организира референдум за ЕУ.

Ваквото ветување уследи по зголемениот притисок на десницата во редовите на владејачката Конзерватива партија и на евроскептиците меѓу ториевците, како и по засилената пропаганда на малата, тогаш вонпарламентарна, антиевропска Партија на независноста на Обединетото кралство (УКИП), која заговараше напуштање на Унијата.

Британците поделени: Да се остане или не!?

Здружените евроскептици и анти-ЕУ активисти, тврдеа дека Унјата „дневно го контролира“ животот на Британците, дека премногу овластувања се префрлени од Лондон во Брисел, како и дека останувањето во ЕУ, значи натамошно оставање на отворени врати за наплив на мигранти од земјите членки на Унијата. Евроскептиците тврдат дека мигрантите доаѓаат во Британија „не за да работат, туку за да ги користат нејзините богати социјални фондови и бенифиции“.

referendum-velika britanija

Премиерот Камерон, верувајќи во уверливото мнозинство од околу 60 отсто од Британците кои тогаш ја подржуваа ЕУ, беше сигурен дека со помош на податоците за добрите економски перфоманси на домашната економија ќе победи на референдумот, па самоуверено порача дека е „време за решавање на европското прашање во британската политика“.

По четиримесечната бурна и најчесто груба и валкана кампања, во која двете страни – онаа која заговара Брегзит и оние кои сметаат дека иднината на земјата е во ЕУ – стана јасно дека Велика Британија за прашањето околу иднината на односите со Унијата е поделена, како ретко кога досега.

Последните мерења покажуваат дека исходот од референдумското изјаснување ќе биде крајно неизвесен до самиот крај, затоа што двата кампа имаат речиси идентичен процент на подржувачи, па може да се случи, победата да зависи од тоа каков ќе биде одѕивот на гласачите.

За останување во ЕУ се премиерот Камерон, 16 членови од неговот владин кабинет, повеќето од половината конзервативни пратеници, Лабуристичката партија и Либералните демократи, како и големо мнозинство од гласачите во Шкотска, Велс, Северна Ирска и Лондон.

referendum-velika britanija-2

На другата страна се мнозинството евроскпетични гласачи во Англија, повеќето од нив постари луѓе, УКИП и англиските националисти и ултрадесничари, како и петмината владини министри, кои се против Камерон, предводени од доскорешниот градоначалник на Лондон Борис Џонсон.

За напуштање на ЕУ и за „враќање на британската незавсност“ се сите весници кои важат за блиски на ториевците – „Дејли Телеграф“, „Дејли Меил“, „Дејли Експрес“ и „Сан“, додека за останување во Унијата се „Тајмс“, „Фајненшл Тајмс“, и весниците блиски до лабуристите – „Гардијан“ и „Дејли Мирор“.

Актерката Елизабет Харли и Џон Клиз од „Монти Пајтон“ се декларираа дека подржуваат „самостојна Британија“. За разлика од нив, Дејвид Бекам, неговата сопруга Викторија, актерот Дениел Крајг, авторката на серијата книги за Хари Потер, Џ.К. Роулинг, Елтон Џон, водителот на „Топ Геар“ Џереми Кларксон и готвачот Џејми Оливер, објавија дека на Велика Британија ќе и биде подобро ако стане во ЕУ.

Така веруваат и повеќе од 70 отсто од британските бизнисмени, како и водечките банкарски компании кои стравуваат од губењето на позицијата на Лондон и Велика Британија, доколку земјата се определи за Брегзит.

На последните вчерашни митинзи во Лондон, Бристол и Бирмингем, учествуваа премиерот Камерон, поранешните премиери Џон Мејџор и Гордон Браун, како и актуелниот лидер на лабуристите Џереми Корбин. Тие повикаа да се гласа за останување во Унијата, затоа што тоа е во интерес на земјата и на Британците.

Групата која заговара Брегзит, пак, ги повика гласачите повеќе да веруваат во Велика Британија и да гласаат за напуштањето на ЕУ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.