Британците потврдуваат дека бомбашот од Манчестер не делувал сам, лути на Американците

Бомбашот самоубиец кој во понеделникот ноќта на концерт во Манчестер уби 22 и рани 59 луѓе од претходно им бил познат на безбедносните служби и веројатно не дејствувал сам, потврди во средата британската министерка за внатрешни работи Ембер Рад.

Министерката, исто така, изјави дека ја „иритира“ фактот што информациите за истрагата за нападот во Манчестер американските разузнавачки служби ги пласирале во јавноста пред британската полиција да биде подготвена да ги објави.

Полицијата денеска објави дека бомбашот самоубиец е 22-годишниот Салман Абеди, роден во Манчестер од либиско потекло. Министерката за внатрешни работи Ембер Рад рече дека верува оти Абеди неодамна се вратил од Либија каде што се радикализирал.

Претходно американски разузнавачки извор за американската телевизиска мрежа NBC News ги наведе ваквите податоци до коишто дошла заедничката истрага, а весникот Times објави дека пријатели и роднини на осомничениот и претходно ги предупредиле британските безбедносни служби дека Абеди претставува потенцијална опасност.

„Изгледа можно, веројатно, дека тој не го сторил сам, таа што безбедносните служби и полицијата продолжуваат да ги следат трагите за да осигурат да бидат собрани сите информации“, рече Рад за радиото BBC.

Запрашана дали Абеди претходно ѝ бил познат на полицијата, министерката одговори „Безбедносните служби знаат многу луѓе, тоа не значи дека се очекува да го уапсат секој кој им е познат, но сега станува збор за некој за кого знаеле отпорано и сигурна сум дека ќе знаеме повеќе кога истрагата ќе заврши.

Рад, исто така, рече дека „британската полиција била многу јасна“ дека сака отсега да го контролира бранот информации. „Бев многу јасна со нашите (американски) пријатели дека тоа не смее да се повтори“.

Имено американскиот разузнавачки извор на NBC изјави дека Абеди патувал неодамна во Либија каде што најверојатно минал обука, како и во други земји, и оти е поврзан со терористичката мрежа Ал Каеда. Исто така, изразил стравување дека Абеди е дел од поширока терористичка ќелија, имајќи предвид дека експлозивната направа што ја активирал била голема и сложена, и направена од материјали кои се тешко достапни во Британија, што укажува на тоа дека имал помош.

Британската полиција објави дека распоредила и дополнителен број полицајци на улиците на главниот град Лондон, како и дека ќе бидат распореден 3.800 припадници на вооружените сили на клучните места ширум Велика Британија. Тоа во Лондон се однесува на Бакингемската палата, Даунинг Стрит, седиштето на владата, амбасадите и парламентарната Вестминстерска палата.

Британската премиерка Тереза Меј во телевизиското обраќање во вторникот вечерта рече дека нивото на закана од терористички напад сега се смета за критично, што значи дека станува збор за „непосредна опасност“ од напад.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.