Британија ќе уплаќа во касата на ЕУ и откако ќе ја напушти

Велика Британија ќе продолжи да уплаќа во буџетот на Европската унија, за да обезбеди „транзициски трговски договор“ со Брисел, со кој на земјата ќе ѝ биде овозможен пристап на заедничкиот пазар на Унијата, открива весникот The Daily Telegraph повикувајќи се на анонимен извор во британската владина администрација.

Според овој извор, Британија ќе уплаќа по осум милијарди фунти, или околу десет милијарди евра, во првите две години по истапувањето од ЕУ, до крајот на 2020 година.

Засега нема објаснување дали ова сума ќе биде трансформирана во парите што Лондон треба да ѝ ги плати на Унијата за своето повлекување или, пак, станува збор за плаќање во периодот до конечниот договор со Велика Британија, пред да започнат преговорите за договор за слободна трговија.

Од Брисел се споменува сума и до 50 милијарди, како британска обврска што произлегува од Брегзит, но во Лондон таквите износи ги отфрлаат како „неразумни“, додека премиерот Тереза Меј зборува за „фер износ“ кој би бил прифатлив и за двете страни.

Обврските произлегуваат од бројните проекти со „големи износи европски пари“ што ги користела и ги користи Британија, како и за пензискиот фонд за сите Британци кои во изминатите 43 години, откако земјата е членка на ЕУ, работеле, а и сега работат во европските институции.

Во платформата за преговорите за Брегзит со Брисел, премиерката Меј се определи за „тврд“ Брегзит, што значи повлекување и од заедничкиот европски пазар и од царинската унија. Транзицискиот период би ѝ овозможил на британската економија да не ги загуби сегашните привилегии од заедничкиот пазар, што Британците би ги чинело околу 20 милијарди евра.

Засега нема информации за тоа дали во периодот на транзицијата по Брегзит, за Британија ќе важат правилата на Унијата за слободното движење на луѓе и работна сила, клучното прашање во антиевропската и антиимиграциската кампања на британските „брегзитери“. Лондонските медиуми веќе обелоденија дека по Брегзит, британските компании кои тогаш нема да ѝ припаѓаат на земја членка, ќе бидат исклучени од зделките вредни милијарди евра, што ќе ги финансира и поддржува ЕУ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.