Британија ќе ги обучува „умерените исламисти“ во Сирија

Британскиот министер за одбрана Мајкл Фалон соопшти денеска дека Велика Британија ќе учествува во обуката на „умерените исламисти“ од редовите на опозицијата во Сирија.

Вкупно 75 воении лица и штабски офицери ќе учествуваат во тренинизите што ќе се изведуваат на територијата на Турција, според американска воена програма.

Британските воени експерти ќе ги обучуваат Сиријците кои се борат за смена од власта на сирискиот претседател Башар ал Асад, за војување и користење на лесно оружје, во пешадиска тактика и за медицинска помош.

Според министерот Фалон, џихадистите од Исламска држава (ИД) може да се совладаат само со „локални внатрешни сили“ на сириска и ирачка територија.

Британскиот министер рече дека сојузничките воздушни напади во реонот на градот Кобане помогнаа ова погранично место близу до турската граница да биде ослободено од ИД и да биде уништена целата логистика и позиците на Исламска држава, но дека тоа не е доволно.

Фалон не рече ништо за тоа дека во долгата битка за Кобане на теренот учествуваа само сириските Курди на кои едно време им помогнаа и стотина курдски доброволци од Ирак. Ниту една од вооружените опозициски сириски групи кои војуваат против сириската армија, не им помогна на курдските борци.

Најавата дека британски офицери и воени експерти ќе ги обучуваат сириските бунтовници доаѓа по соопштението на сириската исламска опозиција подржана од Западот, дека нема да учествува на мировните разговори во Москва со претставници на властите во Дамаск.

Неодамна, американскиот државен секретар Џон Кери во интервју за една американска телевизиска станица рече дека на крајот на сирискиот конфликт ќе мора да се преговара и со Асад, но подоцна Стејт департментот ја „поправи“ изјавата тврдејќи дека Кери мислел на властите во Дамаск, а не и на претседателот Асад.