Британија ќе ја поддржи Македонија во решавање на проблемот со мигрантите

Ќе ги поддржиме националните институции во изградбата на одржливи и ефективни механизми за заедничка акција во идентификацијата на нерегуларните мигранти. Ова ќе го направиме преку развивање и усвојување регуларна правна рамка во регионот на Западниот балкан за толкување на ретките јазици. Исто така ќе се воспостави заедничка база на податоци за преведувачи на ретки јазици коишто ќе ги користат националните миграциски служби во земјите членки на МАРРИ, порача амбасадорот на Обединетото Кралство во Македонија, Чарлс Гарет.

Тој учествуваше на Регионалниот форум на министри за внатрешни работи од земјите на Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција – МАРРИ кој се одржува во Скопје.

Гарет истакна дека регионалните иницијативи и органи се од огромна важност во решавањето на прекуграничните прашања и особено кога се зборува за чувствителни прашања како што е миграцијата.

– Миграцијата не е првпат една од клучните меѓународни приоритети и целата меѓународна заедница е запрепастена од смртта на стотици па дури и илјадници мигранти кои се обидуваат да го преминат медитеранот. Сведоци сме на жртви и овде во Македонија. Бројките се чини дека растат неверојатно. Нелегалната миграција е прашање кое што бара сеопфатни решенија и Регионалниот центар МАРРИ кој што Британсакта амбасада го поддржува преку нашиот проект подобрување на постапките за воспоставување на идентитетот на нелегалните мигранти во регионот на МАРРИ е дел од тој сеопфатен приод – нагласи Гарет.

Македонија најмалку година ипол наназад се соочува со наплив на мигранти, најчесто од погодената од војувања Сирија, но и од Авганистан, како и од африкански земји.

Од проблемот на мигрантите профитираат многу луѓе, продавајќи им основни продукти прескапо. Државата пак досега спроведуваше строги закони за превоз на мигрантите, а во тек е процедура за измена на законите, кои ќе им овозможат барање азил.

На конференцијата на МАРРИ, македонскиот министер за внатрешни работи Митко Чавков порача дека меѓународната заедница треба поинтензивно да се вклучи во решавањето на проблемот со мигрантите.

– Ескалацијата на проблемот со незаконските миграции не се регионални или национални, тие се меѓународен проблем и затоа потенцирав дека е потребно и меѓународен одговор на овој проблем – порача Чавков.

Според него, проектот има цел да го зголеми капацитетот на земјите членки на МАРРИ, а националните органи ефективно да одговараат на растечките бројки на нерегуларни мигранти и да го забрзаат процесот на идентификација.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.