Британија започна со напади врз ИД во Сирија

Лондонските медиуми уште вчера јавија дека осум британски борбени авиони во базата „Акротири“ се наоѓаат на „стенд бај“ и се подготвени за акција,

Пред синоќешното гласање, повеќе од десет часови траеше дебатата во Долниот дом за владиното барање.

Премиерот Дејвид Камерон побара од пратениците да го подржат владиното барање за воздушните напади врз ИД во Сирија, прикажувајќи ги џихадистите како „средновековни чудовишта“. Камерон ги уверуваше пратениците дека станува збор за легална акција и таа ќе помогне за поголема безбедност и во Велика Британија.

Лидерот на опозицијата, Џереми Корбин, се спротивстави на воздушните напади врз џихадистите, предупредувајќи дека тие можат да бидат вовед за нова војна, но тој пред дебатата им дозволи на своите пратеници да гласаат според „сопственото уверување“, а не врз основа на партиската лојалност.

Дури 67 лабуристички пратеници гласаа за поддршка на владиното барање.

Министерот за надворешни работи во Кабинетот во сенка на лабуристите, Хилари Бен, силно ја подржа Владата, наспроти заложбите на неговиот партиски лидер, предизвикувајќи аплауз од конзервативните пратеници.

Поддршка за воздушните напади врз џихадистите во Сирија дадоа и поранешните лабуристички министри Ален Џонсон, Ивет Купер и Маргарет Бекер, но против гласаше доскорешниот партиски лидер Ед Милибанд.

Против бомбардирањето гласаше и целата пратеничка група на Шкотската нациоална партија (СНП), чиј лидер во Долниот дом истакна дека согласноста на Парламентот може да доведе Сирија „да прерасе во нов Ирак или Либија од пред 4,5 години“.