И Британија се вклучува во воздушните напади врз Сирија. Британија се подготвува за воена акција, со тврдење дека заканата од тероризмот со која се соочува земјата е најголема во историјата.
Британските специјални служби ќе имаат најмногу корист од престојната ревизија на одбраната во време кога Британија се подготвува за воена акција во Сирија, со цел да придонесе во борбата против Исламска држава, изјави британскиот премиер Дејвид Камерон.
Камерон во интервју за британскиот весник Телеграф порача дека значајно ќе ја засили Специјалната воздушна служба (САС) и дека двојно ќе го зголеми бројот на британски дронови, чија главна цел е гаѓање на положбите на џихадистите од далечина.
Премиерот наведе дека сака парламентот да гласа за британските воздушни удари во Сирија додавајќи дека вклучувањето на Русија во граѓанската војна во Сирија не треба да влијае врз одлуката на Британија и таа да се вклучи во борбата против терористите.
Камерон наведува дека верува дека ќе ја добие поддршката од парламентот за воените удари врз целите на ИД во Сирија, со оглед на тоа што, како што наведува, заканата од тероризмот со кој се соочува Британија најсериозна во историјата.
САС и другите елитни воени единици ќе добијат нова опрема и оружје, а стотици милиони фунти ќе бидат вложени во новата генерација дронови „Протектор“. Новите дронови ќе може да поминуваат поголема оддалеченост, ќе бидат потивки и опремени со помодерно оружје, појаснува Камерон.