Британската „Алокејт Софтвер“ ќе ја проширува работата во Македонија

Британската „Алокејт Софтвер“ ќе ја проширува работата во Македонија. Директорот на британската компанија „Алокејт Софтвер”  Иан Бишоп ги презентираше идните планови за проширување на работењето преку отворање втора канцеларија во Скопје и вработување нови ИТ кадри, за време на денешната средба со министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска.

Како што соопшти Министерството, за време на средбата Иан Бишоп потенцира дека во нашата земја има многу талентирани и квалитетни кадри од областа на информатичката технологија кои сакаат да работат и напредуваат.

Министерката Арсовска Томовска од своја страна го поздрави присуството на оваа компанија во Македонија која на младите кадри им овозможува да стекнат нови знаења и искуства, а со тоа и да станат поконкурентни на пазарот.

Таа во исто време ја истакна заложбата на Министерството и Владата во насока на создавање квалитетен ИТ кадар и воспоставување стандарди и вредности кои ќе бидат препознаени во светот.

Компанијата „Алокејт Софтвер“ со седиште во Лондон има свои канцеларии во Австралија и Шведска и е водечки давател на услуги за специјалистички софтвер за оптимизација на работна сила, а се занимава и со софтверски решенија од областа на здравството. Таа со работа во Македонија започна во март минатата година. Нивната нова канцеларија се очекува да биде отворена во ммарт оваа година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.