Британската влада ги победи приврзаниците на царинската унија со ЕУ

Владата на британската премиерка Тереза Меј го преживеа обидот на дел од конзервативните пратеници наклонети на Европската унија да ја променат нејзината трговска стратегија по истапувањето на Обединетото Кралство од ЕУ, односно Лондон да остане во царинска унија доколку не биде постигнат трговски договор со Брисел.

Како што пренесува јавниот сервис BBC, проевропските пратеници барале Велика Британија да остане во царинска унија со Европската унија, доколку не биде постигнат трговски договор меѓу двете страни, но за тоа гласале 301 пратеник, додека ставовите на владата на премиерката Тереза Меј ги поддржале 307 пратеници.

Непосредно пред гласањето на „ториевците“, наводно, им било кажано дека нивниот пораз би можел да доведе и до гласање за доверба на владата на Конзервативната партија, се додава во извештајот.

Обединетото Кралство треба да ја напушти ЕУ на 29-ти март 2019 година, но двете страни сѐ уште мора да се договорат како да ги уредат меѓусебните трговски односи. Меј сѐ уште нема постигнато договор со ЕУ околу истапувањето на земјата од блокот, па британската влада сѐ повеќе е свртена кон планот за таканаречениот „Брегзит без договор“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.