Британскиот Парламент затворен поради сомнителен коверт

Британската полиција денеска ја затвори зградата на Парламентот поради, како што соопшти, „хемиски инцидент“, откако коверт со сомнителен бел прав пристигнал на адреса на членот на Домот на лордовите, британскиот лорд Ахмед.

Кога го отворил коверот, по него и по работната маса се истурил бел прав за кој лордот помислил дека е некое хемиско или биолошко оружје.

Повикани биле безбедносните органи и припадници на специјалната единица за борба против тероризмот, како и специјализирани медицински служби.

Лордот бил под постојана лекарска контрола се додека не било утврдено дека „сомнителниот“ прав е сосема безопасен.

Во ковертот се наоѓала и една порака до лордот на која било само напишано „Паки гнаса“.

„Паки“ е навредлив збор кој се користи за припадниците на пакистанската заедница во Велика Британија, како и за Британците од пакистанско потекло, па полицијата заклучи дека во случајот, станува збор за „расистички напад“ кон лордот.

Засега не е познато кој го извршил ваквиот „напад“, но лордот вели дека ова не е прв ваков случај.

Лорд Ахмед е првиот муслиман во Велика Британија кој е именуван за доживотен пер и член на Домот на лордовите.