Потона брод со мигранти кај Либија: Извадени 76 тела

Потона брод со мигранти
Потона брод со мигранти

Покрај бреговите на Либија вчера потона брод со мигранти. Портпаролот на либискиот Црвен крст, Мухамед ал-Мисрати изјави денеска дека досега најмалку 76 безживотни тела се извадени од морето, а 198 луѓе се спасени по вчерашното потонување на бродот во близина на Либија.

Претходно денеска, британски медиуми објавија дека околу 200 луѓе се спасени од еден брод со главно африкански мигранти, а неколку стотици и понатаму се водат како исчезнати по бродоломот во Средоземно Море во близина на Зувара.

Воен претставник од Зувара истакнал дека на бродот се наоѓале околу 400 луѓе, од кои голем број во моментот на несреќата биле блокирани во долниот дел на пловниот објект.

Во бродовите имало и деца

Телевизиската мрежа Би-Би-Си, пак, известувајќи за спасувачката операција наведува дека во близина на Зувара потонале два брода, и дека во едниот имало околу 50, а во другиот, кој потонал подоцна, се наоѓале околу 400 патници.

Амбасадата на Бангладеш во Триполи за Би Би Си информира дека 31 нивен државјанин биле во еден од бродовите. ОД амбасадата повикувајќи се на изјави на очевидци тврдат дека во трагедијата животот го загубиле две деца, четири сдруги се сметаат за исчезнати.

Повеќе од 300.000 мигранти се обиделе да го преминат Медитеранот
Повеќе од 300.000 мигранти се обиделе да го преминат Медитеранот

Според податоците на ОН, околу 2.400 мигранти во текот на годинава го загубиле животот додека се обидувале да го преминат Медитеранот и да стигнат во Европа.

Повеќе од 300.000 лица се обиделе да го преминат Медитеранот, што е зголемување за речиси 40 отсто во однос на минатата година.

Повеќе од 100.000 мигранти пристигнале во Италија, а други 160.000 поминале во Грција.