Бродот „Езадин“ пристигна во италијанското пристаниште

Бродот „Езадин“, кој беше напуштен од неговиот екипаж, а на кој се наоѓаат 450 илегални мигранти од Сирија, пристигна во италијанското пристаниште Кориљано Калабро, соопшти италијанската крајбрежна стража, пренесе МИА.

Спасувачките тимови претходно се качија на бродот откако патниците го активираа алармот бидејќи бродот неконтролирано пловеше по Медитеранот. Бродот пловеше под знамето на Сиера Леоне, но без електрична енергија по невремето кое го зафати југоисточниот брег на Италија.

Италијанската крајбрежна стража соопшти дека бродот „Езадин“, синоќа после 23 часот по локално време стасал во италијанското пристаниште.

Командантот на крајбрежната стража во пристаништето Кориљано Калабро, Франческо Пероти изјави дека мигрантите дошле од Сирија и по пристигнувањето во пристаништето со автобуси се превезуваат во други делови на Италија, каде ќе им се разгледуваат барањата за азил. Здравствената состојба на мигрантите е релативно добра. Меѓу патниците има многу жени и деца, како и бремени жени.

Бродот „Езаден“ беше доведен со помош на ислански брод. Се верува дека тој пошол од Турција, иако претходно имаше информации дека тргнал од Кипар. Официјално, тој требало да плови до Сет, Јужна Франција.

Бродот „Езадин“ е долг 73 метри и е направен пред 50 години. Наменет е за превоз на стока. Го регистрирала либанска компанија, а потоа паднал под контрола на група на трговци со луѓе.

фото: nbcnewc.com