Бројот на болни од грип зголемен за четирипати, најмногу во Тетово

Бројот на заболени од грип во текот на изминатата година е зголемен за четирипати во однос на состојбата од лани, информира Институтот за јавно здравје.

Од 16-ти до 22-ри декември во земјава се пријавени 161 лице со симптоми на грип и во споредба со бројот од 40 заболени од лани, има зголемување од четири пати.

„Вкупниот број на заболени од грип во републиката од почетокот на сезоната 2013/2014 (40 недела, 2013) заклучно со 51-ва недела, изнесува 746 лица. Во овој период нема регистрирани смртни случаи асоцирани со инфекции со вирусот на грип. Во споредба со истиот период минатата година (509), постои зголемување на вкупниот број на заболени лица за 46,6 отсто, а во однос на просекот за истиот период во последните 10 години (186), зголемувањето на бројот на заболени во оваа сезона изнесува четири пати“, велат од Институтот за јавно здравје.

Најмногу заболени од грип има во Тетово. Најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години (406), иако МБ во оваа група е најмал (2,8/10.000), а најголем МБ  е регистриран кај најмладите – децата до 4-годишна возраст и изнесува 9/10.000 жители:

Во 51 недела пристигнати се пет материјали за тестирање во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ и потврдено е присуство на инфлуенца вирус А/H1 во еден материјал, а останатите четири се негативни.

Од почетокот на сезоната 2013/2014, во оваа лабораторија се пристигнати вкупно 21 хуман материјал од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти, од кои 6 или 28,6% биле тестирани позитивни на вирусот на инфлуенца А/H1.

До крајот на 51-вата недела, против сезонски грип се вакцинирани вкупно 23.970 лица и со тоа, потрошени се сите набавени вакцини во јавно-здравствените институции кои се овластени за вакцинација против грип.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.