Бројот на ирански жртви од стампедото во Мека зголемен на 464

Бројот на загинати Иранци во човечкото стампедо кое се случи за време на аџилакот во Мека се зголеми на 464, два пати повеќе од првичната бројка.

„Нема повеќе никаква надеж“ оти може да се пронајдат преживеани Иранци, во оваа голема несреќа, оценуваат иранските власти.

Според официјалните податоци што ги има презентирано Саудиска Арабија, загинати се 769 лица, а други 934 се повредени.

Најголем број загинати верници се од Иран

Иран има далеку најмногу загинати верници, во споредба со жртвите од другите земји, Египет има 75 загинати и 94 исчезнати, Нигерија 64 загинати и 244 лица кои се водат како исчезнати, па Индонезија со 57 мртви и други 78 лица што се регистрирани како исчезнати.

Остри критики за слаба безбедност и организираност

Повеќе муслимански земји во светот, остро ја критикуваа Саудиска Арабија за лошата организација и за слабата безбедност во време на хаџ аџилакот во Мека, но и за бавното соопштување на бројот на жртвите во стампедотото на верниците.

Закани за „остар одговор“

Официјален Техеран тврди дека има повеќе од илјада мртви, додека Пакистан, Индија и Индонезија сметаат дека бројот на жртвите е многу поголем од оној изнесен во официјалните податоци.

Саудиските власти вчера ги отфрлија ваквите тврдења, инсистирајќи на официјалните бројки и порачувајќи да се причека на резултатите од службената истрага, што по несреќата ја наложи кралот Селман.

Иранскиот верски лидер, ајатолахот Хаменеи побара од Саудиска Арабија извинување за стампедото, заканувајќи се со „остар одговор“ од Техеран.

Официјален Ријад, меѓутоа, реагираше со контраобвинување, тврдејќи дека Иран ја користи несреќата за „политички игри“, пренесува МИА.