Бројот на пациенти ќе се зголеми за 500 за медицинска рехабилитација

Од први септември започнуваат да важат новините на полето на специјализираната рехабилитација како продолжено болничко лекување кои се воведени согласно современите теркови во медицината и светските искуства, информираат од ФЗОМ.

Со воведување на посебен правилник за медицинска рехабилитација за прв пат се воведе можност за специјализирана медицинска рехабилитација за:

• Деца до 18 години со онколошки заболувања еднаш годишно по завршена онколошка терапија и во фаза на ремисија максимум до 5 години. (во времетраење до 15 дена)
• Сите лица заболени од мултипла склероза. (еднаш годишно до 21 ден)
• Сите лица со ревматоиден артрит. (еднаш годишно до 21 ден)
• Сите лица со хемофилија. (еднаш годишно до 15 дена)

Дополнително за овие нови групи на заболувања правото на специјализирана медицинска рехабилитација, осигурениците ќе можат да го оставарат само со конзилијарен преглед без потреба од хоспитализација.

DSC04137

Овие нови права се во согласност со проектот на Владата на Р.М. „Медицинска рехабилитација за мултиплекс склероза, ревматоиден артрит и онколошките заболувања кај децата“.

Новиот правилник ги дефинира начинот, времетраењето, постапката на остварување на право на специјализирана медицинска рехабилитација и спроведување на истата. Воведени се контраиндикации за специјализирана медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување, односно болест или состојби кои претставуваат контраиндикација за користење на специјализираната медицинска рехабилитација кои се воведуваат по барање на стручната фела, и се следниве :

– акутна психоза, асоцијално однесување или склоност кон самоубиство
– акутна инфективна болест и фебрилна состојба
– декомпензација на витални органи
– малигни болести во стадиум на егзарцербација и декомпензација
– терминална фаза на болеста
– патолошка бременост
– сенилна деменција и тежок облик на генерализирана артериосклероза
– нестабилна ангина пекторис
– неконтролирани аритмии на срцето
– флеботромбоза на длабоки вени на нозе
– имобилизација кај која не може да се спроведе рехабилитационо лекување

DSC04133

Со досегашниот начин на оставарување на правото за медицинска рехабилитација беа опфатени околу 2000 лица годишно кои имаа потреба од рехабилитација. Со новините кои започнуваат да важат од 01.09.2014 година ќе бидат опфатени дополнителни 500 осигуреници годишно. На осигурените лица со рехабилитацијата се обезбедува постапка на физикална терaпија (масажа, кинези терапија, електротерапија, хидротерапија, терапија со термоминерална вода, термотерапија, фототерапија, примена на ултразвук), оспособување со стручна работа и со соодветни медицински помагала, со цел спречување или отстранување на намалена работна или функционална способност на осигуреното лице, како и обезбедување на кардиолошки и респираторни рехабилитациони постапки. На осигурените лица се обезбедува специјализирана медицинска рехабилитација заради подобрување или враќање на изгубени или оштетени функции на телото, како последица од акутно заболување или повреда, медицински оперативни интервенции, конгенитални аномалии, влошување на хронично заболување.

Со специјализирана медицинска рехабилитацијата како продолжено болничко лекување се обезбедува спроведување на интензивна програма на рехабилитација за која е неопходно мултидисциплинарно тимско работење во рамките на медицинскиот третман, заради отстранување на функционалните пречки и подобрување на здравствената состојба.

За потестување на осигурениците, медицинската рехабилитација за децата со церебрална парализа се остварува без да има потреба од нивно болничко лекување како услов за остварување на право на специјализирана медицинска рехабилитација, а за децата до тригодишна возраст, може да трае до 30 дена и тоа до четири пати во текот на годината, а за деца над тригодишна до четиринаесетгодишна возраст може да трае до 30 дена два пати во текот на годината.